Досегашните преговори за вакцини во нашата земја успешно се спроведени само со Фајзер, па според тоа Македонците немаат избор за тоа со каква вакцина би сакале да се вакцинираат. Ова значи дека ниту руската, ниту кинеската вакцина нема да ги има нашата држава. Во понатамошната фаза преку Ковакс механизмот може да стигне само вакцината на Астра Зенека, потврдија за ТВ 24 од Министерството за здравство.

„Тоа не значи дека вакцините кои што го немаат поминато тој процес не се безбедни, меѓутоа Министерството за здравство приоритет даде токму на таа вакцина која ги заокружила сите процеси на создавање. Вакцините кои ќе стигнат во нашата земја, засега се од производителот Фајзер.“, велат од Министерството за здравство.

Инаку, Ана Брнабиќ, српската премиерка изјави дека земјата е подготвена да исптати 8.000 вакцини во Северна Македонија, но и дека се работи на проблемот со регистрација на вакцините.

„Имаме договор, разговараа премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ. Вучиќ реши да им помогне со 8.000 вакцини. Ние помагаме да се регистрираат вакцините „Фајзер“ во Северна Македонија. Ние работиме со нив. Проблемот може да биде во тоа што тие добиле вакцини „Фајзер“, но не биле регистрирани. Поентата не е само да се дојде и да се купи вакцината, но има многу повеќе работи зад завесите. Регистрација од соодветната агенција, план за вакцинација. Ние сме една од ретките земји што имаме соодветен информативен систем. Нашите граѓани знаат како да се пријават за вакцината, сè е транспарентно. Слушнав приказни од луѓе од други земји каде велат дека немаат идеја како да се пријават, кои им се приоритетни групи“, изјави Брнабиќ.

Во Србија инаку до денеска е надмината бројката од 50.000 вакцинирани лица.