Додека шетала со својот сопруг на плажа, Адел Гросе од Јужна Африка наишла на џиновска лигња насукана на брегот.

„Прво помислив дека мора да ја вратиме во океанот, но кога погледнав подобро, сфатив дека е мртва“, раскажала за „Live Science“.

Примерокот што го нашле на „Golden Mile“ во Дурбан, долг е преку четири метри и тежок околу 330 килограми, што е прилично мало за лигњи. Женките можат да достигнат должина од 18 метри, пренесува „Live Science“.

Непознато е како починала лигњата, но Адел вели дека една вечер претходно на плажата имало големи бранови и претпоставува дека тие ја исфрлиле на брегот.

„Проверувавме дали има било какви повреди или траги од гриз, но ништо не најдовме. Погледот на лигњата ми го одзеде здивот. Изгледаше како величенствените праисториски животни“, рекла таа.

Голема реткост е да видите џиновска лигња, која научниците успеале да ја фотографираат двапати во историјата. Првпат во 2012-та година, и вторпат минатата година.