Германската канцеларка Ангела Меркел денеска предупреди дека поради пандемијата на корона вируст, постои ризик да се забави напредокот постигнат во родовата еднаквост.

Меркел вели дека жените го носат лавовскиот дел од грижата за децата за време на карантинот и има поголема веројатност да извршуваат ризична работа.

„Мора да се осигураме дека пандемијата нема да не врати на старите родови модели што мислевме дека сме ги надминале“, рече Меркел во видео пораката во пресрет на Меѓународниот ден на жената, 8 март, пренесува Гардијан

Таа посочи дека жените биле непропорционално погодени од здравствената криза и биле недоволно застапени на високи позиции.

„Повеќе од 75 проценти од вработените во здравствениот сектор се жени, од канцелариите на лекарите и болниците до лабораториите и аптеките – сепак, жените сочинуваат едвај 30 проценти од оние на раководните позиции во тие области“, рече германската канцеларка.

Таа додаде дека не е оправдано жените во толкава мерка да го „носат“ општеството, а во исто време да не бидат подеднакво вклучени во важни политички, економски и социјални одлуки, според Гардијан.