Граѓаните на Лопбури на Тајланд повеќе не се „газди“ во својот град – таму владеат околу 6 илјади улични мајмуни.

Како што пренесува “AFP”, поради жестоките пресметки на „спротиставени банди“ на мајмуни во градот, граѓаните се забарикадирале во своите домови, а во градот со околу 750 илјади жители постојат таканаречени „критични зони“ кои сите ги избегнуваат.

Овој древен тајландски град е буквално преплавен од макаки мајмуните, а иако локалните жители се обидуваат да ги „поткупат“ со храна, се чини дека тоа ги прави уште поагресивни. Пред избивањето на пандемијата на коронавирусот, мајмуните имале банани во изобилство, меѓутоа сега ги нема.

Ние живееме во кафез, а тие се надвор. Нивниот измет е насекаде, а смрдеата е неподнослива, посебно кога врне дожд“, изјави локална жителка за “AFP”.

За ваквиот развој на ситуацијата не е виновна само пандемијата. Имено, жителите со години го толерирале слободното шетање на мајмуните на улиците со оглед на тоа што тоа привлекувало многу туристи кои доаѓале да ги хранат или да си играат со нив.

Но, кога престанале да доаѓаат мајмуните, а ги снемало и бананите во градот, однесувањето на мајмуните станало значително поагресивно. Сега во градот ги има над 6 илјади, а „седиштето“ им е во напуштена кино сала.

За да се справат со проблемот, локалните жители започнале да ги хранат со најразновидна храна, но од поголемата количина на шеќер и калории нивната енергија уште повеќе се зголемила.

Поради тоа што ситуацијата излегла од контрола, локалните власти после три години повторно ја стартуваа програмата за стерилизација на мајмуните за да се намали нивното размножување. Покрај тоа, ќе се изгради и големо прифатилиште за макаки мајмуните во близина на градот.