Сакам дечиња и отсекогаш си замислував каков татко ќе бидам. Со Симона сме одамна заедно и после долга врска одлучивме да се земеме. Таа беше љубовта на мојот живот. Но, после првата година брак никако не можеше да забремени.

Моите почнаа на секое гледање да нè прашуваат, “ајде што чекате, ви тече времето, кога ќе не израдувате со внуче?” А ние само се погледнувавме. И други нè прашуваа, не само моите. Но кај моите се случи една немила сцена, баш на оваа тема.

Тоа се случи некаде втората или третата година од брак. Бевме поканети на ручек кај моите кога мајка ми пак почна да нè задева. Ама овојпат и’ се обрати на Симона: “Снашке, ти мислиш да раѓаш или не? Кажи со време да си знаеме на што сме, не му го троши времето на син ми!”.

Симона се вцрви целата, мислам дека чад ќе и излезеше од ушите, ама се воздржа и не и’ врати. Само во мене гледаше втренчено, како да бараше помош. Јас за да ја извадам од непријатната атмосфера и’ реков: “Мамо, не досаѓај, остави, тоа е моја работа, јас ќе ја решам”.

И Симона тогаш одеднаш стана и рече дека ќе си оди зошто ја болело многу главата. Мене ми рече ако сум сакал да останам кај моите, не морало со неа да доаѓам, ќе си викнела такси. И ја оставив да си оди со такси, зошто и се налутив за постапката. Не се станува од сред јадење туку-така.

Од тој момент многу ни се заладија односите. Таа веќе не се смееше, ме гледаше со чуден поглед, а и јас нејзе. Некако како нешто да се скрши помеѓу нас двајцата. Се обидувавме пак да имаме дете, ама не како порано.

Си мислев дека ќе ми побара развод, ама таа само си молчеше. И така одлучив јас да и побарам развод и да ја избркам после четири години брак. Таа не беше во состојба да ми роди наследник.

Моите се многу богати и едноставно од големо значење би било барем да имам еден син. А толку сакав да имам деца. Во мојата одлука да се разведам имав потполна поддршка од моите родители, особено од мајка ми, дури и се израдува. Ми рече:

“Не знам што чекаше досега. Мислиш вечно ќе бидеш млад? Види се, и ти си остарел. Кога ќе најдеш сега нова жена, кога ќе раѓате. Туку, никогаш не е доцна.”

Татко ми беше рамнодушен, ми рече дека сум бил возрасен сам да одлучувам и сам да си ги сносам последиците од сите мои одлуки. Искрен да бидам, многу ја сакав и не ми беше баш лесно, ама и некој инает ме фати. Немаше друго решение.

Кога и побарав развод, таа се согласи. Набрзо само што ја избркав таа си нашла друг. Убава е и атрактивна, верувам дека не и било тешко. После дознав дека за многу брзо се омажила и отишла да живее во Шведска. Две години ја немав ни видено ни имав слушнато за неа. А вчера ја сретнав во градот заедно со мажот и’, буткаа двојна количка…

Родила близнаци. Ја претрчав улицата за да се поздравиме. Беше ладна кон мене, едвај ми пружи рака без да се насмевне. Најлошо од сè е што се вкочанив кога ги видов децата. Како да се видов себеси на фотографиите од детството кога сум бил мал. Ја замолив да ме слика со нив, зошто многу ми станаа драги. Постојано ми се насмевнуваа.

Веднаш низ глава ми помина дека можеби била бремена која ја избркав. Не можев да верувам дека такво нешто би можела да ми направи? После 8 години поминати заедно? Ме изеде сомнежот. А што ако се мои???