Истражувањето на Медицинскиот колеџ на универзитетот Харвард, засновано на сателитските снимки од паркинзите околу болниците во Вухан и податоците од пребарувачите, покажува дека коронавирусот можеби започнал да се шири во Кина уште во август 2019 година, пренесува “Reuters”.

Истражувањето користело сателитски снимки со висока резолуција од болничките паркинзи во Вухан, каде болеста се појави кон крајот на 2019 година, како и податоците од пребарувачите како зборовите “кашлица” и “дијареа”.

Студијата која засега не е рецензирана, воочила дека на паркинзите на 5 болници во Вухан во летниот и есенскиот период минатата година имало значително повеќе автомобили отколку во 2018 година. Освен тоа, на кинескиот пребарувач “Baidu” во тој период бил забележан зголемен број на пребарувања на клучни зборови поврзани со заразни болести, наведува “CNN”.

Научниците, користејќи снимки од 2018 година, избројале 171 автомобил на паркинзите на една од најголемите болници во Вухан. Една година подоцна, на истите паркинзи имало 285 автомобили, што е за 67 отсто поголем број, а во некои други болници имало зголемување и до 90 отсто.

Иако не може да се потврди дека овие податоци се директно поврзани со коронавирусот, идејата е дека пополнетоста на болничките паркинзи или протокот на пациенти може да се користи како релативен показател за нешто што се случува помеѓу популацијата.

Џон Браунстин од детската болница во Бостон наведува дека пред неколку години бил објавен труд за тоа како во текот на сезоната на грип, болничките паркинзи се полни и се зголемува протокот на пациенти во болниците во Латинска Америка.

“Можете да ја предвидите сезоната на грип само гледајќи ја пополнетоста на паркинзите”, додал Браунстин.