Филип Петровски е политичар од десницата, кој може слободно да се каже дека е жива енциклопедија на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи е нејзин современик, речиси од основањето.

Филип Петровски е од оние ликови во политиката, кои никогаш не биле конформисти и таканаречени кабинетски политичари, туку секогаш бил на улица, на терен, онаму каде што партијата ги водела своите битки.

Неговиот продор и запознавање на јавноста со името Филип Петровски, беа студентските протести во 1997 година, кога тој се промовираше како еден од лидерите на тоа движење.

Синоќа Петровски беше гостин во емисијата „Во Центар“, кај Васко Ефтов и изнесе повторно низа интересни детали од историјата на ВМРО-ДПМНЕ, односно последните дваесеттина години.

Филип Петровски истакна дека тој го промовирал Никола Тодоров како човек чија активност потекнува од студентските протести, објавувајќи фотографија од тие настани, на која фигурира и Тодоров. Но, само како најобичен поддржувач на протестите. Од друга страна пак, Влатко Ѓорчев бил член на најтесното раководство на тие протести.

Со Влатко Ѓорчев патиштата им се разидуваат при барањето оставка од Филип Петровски од претседателското место во унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, од страна на тогаѓниот лидер на партијата Љубчо Георгиевски.

-Љубчо ме повика во кабинетот и ми рече да си дадам оставка, бидејќи за мене имало негативни рекции во медиумите. Јас ја понудив оставката пред делегатите на централниот комитет на УМС, но тие со огромно мнозинство ја одбија. Влатко Ѓорчев го предводеше таборот кој сакаше да заминам.

Потоа Георгиевски ме повика повторно и ми рече да си дадам оставка. Јас прифатив, но му дадов услов, Влатко Ѓорчев, кого раководството на партијата го поддржуваше, да не биде мој наследник, туку Игор Гиевски. Георгиевски се согласи.

Игор Гиевски ми се оддолжи на тој начин што во 2003 година, кога му кажав дека сакам да се кандидирам за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и дека треба да ми помогне со гласови од УМС, отиде и ме накодошира кај Георгиевски.

-Сакам да напоменам дека мене Сашо Мијалков, далеки пред таа 2003 година, кога беше кај мене во посета во Њујорк, ми кажа дека Груевски ќе биде претседател на партијата. Значи Никола Груевски бил спреман од некои, најверојатно српски структури. Инаку јас на тие избори, работев во кампањата на Марјан Ѓорчев.

Како награда за тоа што Георгиевски практично го постави Груевски за лидер, знаеме со какви притисоци врз делегатите, Љубчо во време на владеењето на Груевски не беше чепнат и мислам дека дури и нивната квга во Панорама беше фингирана, истакна Петровски.

Петровски истакна дека сличен, наместен избор за наследник на Груевски се одржал и во 2017 во Валандово, кога за претседател на партијата беше избран Христијан Мицкоски.

-Интересен момент беше кога Груевски се обиде да го брише Љубчо Георгиевски од основачите на партијата и за таа цел го користеше името на Драган Богдановски. Јас отидов во неговиот кабинет и документирано му образложив дека Драган Богдановски, после долги обработки од страна на тајните служби, прифатил да биде нивни соработник.

Тие дури му обезбедиле и стан во Скопје. околу него бил постојано Мане Јаковлевски, исто така соработник. Јас ова не го зборувам на памет, за сето ова поседувам документи. Кога му го кажав ова на Груевски, тој се фати за глава, не му се веруваше.

Или можеби одглуми дека не знае, незнам, бидејќи тој веќе десет години беше претседател на партијата и долги години Премиер, не е можно да не знаел.

Му реков да внимава, бидејќи утре ќе дојде друга партија на власт и ќе ти рече чекај, си печател книги, си двоел делови од историјата кои ти си сакал да ги прикажеш, што не е во ред.

Исто така документирано, неколку пати имам соопштено дека актуелниот член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски, исто така бил соработник на службите, задолжен да ја кодошира партијата. Јас навистина не знам како може сега тој да му биде еден од најблиските соработници на Мицкоски, рече Филип Петровски.