Фотографиите од внатрешноста на Капитол во Вашингтон кои денеска ги пренесоа медиумите, изгледаат како сцени од холивудски филм – стотици припадници на Националната гарда, дојдени за да ја обезбедуваат седницата на долниот дом на парламентот на која се расправа за отповикување на претседателот Доналд Трамп, одмораат во ходниците на американскиот законодавен дом.

Војниците се распоредени низ целата зграда на Конгресот, за да ја обезбедат седницата на која Претставничкиот дом треба да одлучи за импичмент на претседателот во заминување, по најавите за нови протестни собири и ризикот од повторување на насилството од минатата недела. Минатата среда, приврзаници на Трамп упаднаа во Капитол, обидувајќи се да ја спречат потврдата на победата на Џо Бајден на претседателските избори.

Според најавите, во Вашингтон до 20 јануари, за кога е закажана инаугурацијата на Бајден, ќе бидат распоредени околу 10.000 припадници на Националната гарда.