Доколку во новата учебна година училишната настава се одвива онлајн, една третина од италијанските мајки се подготвени да ги напуштат работните места, а дури 65 проценти изјавиле дека часовите преку интернет не се компатибилни со вработеноста на жените.

Ова се податоците од истражување спроведено од професорката на Универзитетот Бикока од Милано, Џулија Пастори, кое опфатило седум илјади семејства.

Според истражувачите, податоците покажуваат дека повеќето италијански семејства се традиционални односно оти веруваат дека работата на жена/мајка е да се грижи за децата, а дури 95 проценти од испитаниците рекле дека за време на пандемијата и на наставата преку интернет, токму мајките ја вршеле својата работа од дома за да им помагаат на децата и да бидат покрај нив, пренесува „Танјуг“.

За време на карантинот, мајките им посветувале просечно по четири часа дневно на своите деца, практично паралелно работејќи две работи, својата и онаа на воспитувач, вели авторката на истражувањето.

„Грда, неефикасна, демотивирачка, неподнослива“, со овие атрибути, интервјуираните мајки ја опишале наставата преку интернет наменета за нивните деца.

Некои анкетирани мајки рекле дека работењето од дома и онлајн наставата ја бришат границата меѓу приватното и професионалното и дека не постои работно време, а некои навеле дека имаат проблем да го сочуваат целото семејство заедно, но сите апелираат дека наставата преку интернет не може да биде единственото решение, посочува авторката Пастори.

Родителите, особено мајките, се исто така загрижени за тоа како ќе се одвива следната учебна година, дали ќе биде можно да се почитува растојанието во училиштата и да се применат неопходните мерки за хигиена, но и дали училишните простории се на соодветно ниво.
Извор/Makfax.com.mk