Првите вакцини против коронавирусот се даваат на луѓе, други вакцини се непосредно пред добивање дозвола. Кога и каде ќе има вакцини на располагање? Кои земји се пионери? Првичен преглед на нештата.
Иако во изминатите месеци беше повеќекратно споменувано дека мора да се избегне „национализам со вакцините”, многу индустриски развиени земји си резервираа милиони и милиони контингенти вакцини кај разни водечки фарма концерни. Во трката за добивање дозвола предничи германскиот концерн Бионтек со американскиот партнер Фајзер: Велика Британија, Канада, Бахрeин и Саудиска Арабија, а денеска и Швајцарија, издадоа итно одобрение за користење на серумот. Во некои земји како Велика Британија, Русија. САД и Канада е отпочнато масовно вакцинирање, додека други како ЕУ и Турција сакаат наскоро да почнат. Нецелосен преглед на состојбата по земји и региони.
Велика Британија
Како прва земја на светот Велика Британија на почетокот на декември со итна дозвола го отвори патот за вакцинација со средството на Бионтек и Фајзер. Британците однапред си резервираа 40 милиони дози од препаратот, така што вакцинацијата веднаш можеше да почне. До средина на следната година владата смета на „портфолио од три или четири вакцини кои може да ги користиме”. И кај Астра Зенека резервираа дози. Шведско-британскиот фарма концерн вакцината ја тестираше меѓу другото и на илјадници Британци.
Европска унија
Европската агенција за лекови ЕМА сака пред Божик , на 21 декември, да донесе одлука за вакцината на Бионтек и кон средината на јануари за вакцината на американската фирма Модерна. Тоа што постапката во ЕУ трае подолгоотколку во Велика Британија се должи и на фактот дека не се бара итна дозвола, каде што не се потребни подолги студии за безбедноста и дејството.
Идејата на заедничкото одобрување и набавка од страна на 27 земји членки е дека заедно ќе добијат подобри услови и вакцините порано ќе може да бидат испорачани. До сега има договори со производителите Џонсон и Џонсон, Санофи ГСК, Астра Зенека, Фајзер/Бионтек, КјурВак и Модерна. Ако навистина сите добијат дозволи, ЕУ може да се надева на две милијарди дози, на