Загадените површини, не се толку причина за заразување, велат научниците. И кратките средби со луѓе на отворено веројатно нема да го шират коронавирусот.

Наместо тоа, најголем виновник е блискиот контакт меѓу луѓето во текот на подолги периоди. Масовните настани, слабо проветрените зони и местата каде што луѓето зборуваат гласно – или пеат, во еден познат случај – го зголемуваат ризикот.

Овие нови откритија им помагаат на компаниите и на владите да подготват стратегии за повторно отворање, за заштита на јавното здравје додека компаниите повторно почнуваат да работат.

Тоа се тактики како поставување прегради од плексиглас, барање од луѓето да носат маски во продавниците и на другите места, да користат добри системи за вентилација и кога е можно, да ги држат прозорците отворени.

Две големи понови истражувања покажаа дека масовните карантини – наредбите да се седи дома, забраните за големи собири и затворањето на компаниите – спречија милиони инфекции и см ртни случаи низ светот.

Сега, кога имаме повеќе податоци, градовите и државите можат да воведат конкретни мерки за да спречат вирусот повторно да букне, велат научниците и експертите за јавно здравје.

Тоа значи подобра заштита за жителите на старечките домови и за семејствата во кои повеќе генерации живеат заедно во преполни живеалишта, велат тие. Тоа исто така значи и акцент на физичкото растојание и на маските и намалување на бројот на собири на затворени места.

„Не треба да размислуваме за карантин, туку за начини да го зголемиме физичкото растојание“, рече Том Фридрен, главен извршен директор на „Резолуција за спас на животи“, непрофитна јавноздравствена иницијатива.

„Може да се дозволат активности надвор, да се дозволи пешачење или возење велосипед до работа додека сте на физичка далечина од сите луѓе, достава од продавници и други иновативни методи што можат да го олеснат продолжувањето на економската активност без повторно да се разгори епидемија“.

Препораките на групата за повторно отворање вклучуваат масовно тестирање, следење на контактите и изолација на заразените или изложените лица.