Колку чини човечкиот живот? Колку чини животот на едно штотуку родено бебе, кое и покрај сите здравствени проблеми со кои се роди, не се предава туку се бори за да преживее. Животот нема цена. Во тоа се уверила и една тажна мајка, Емилија Јованоска од Прилеп, која од 14 мај, откако предвереме го родила нејзиното синче Василиј, се бори за неговиот живот.

Ја контактиравме Емилија, за да  видиме каква помош и е потребна а таа со глас полн надеж ни рече:

Василиј е роден во 27 недела, беше тежок само едно кило. Има проблеми до дишење, има слепување на едното белодробно крило, цисти во мозочето, а сега треба да се направи операција на срценцето. Ние досега сами се боревме финасиски, а веќе 53 дена сме во болница. Лекарите чекаат малку да му се подобри дишењето за да му се направи операција. Ќе треба уште еден месец да лежи тука. Мислевме дека нема да имаме потреба од помош, но ете во таква состојба сме што сме принудени да бараме донација за да го спасиме животот на нашето бебе. Се уште немаме телефони за донирање, денес  лекарката рече дека ќе ги направи сите потребни документи за да отвоориме телефонски линии за донација. А до тогаш ја имаме само мојата трансакциска сметка. Вкупната сума е над 60 илјади евра, досега ние уплакавме ама не можеме сите 60 илјади да ги дадеме. Ни требаат најмалку 20 илјади евра и затоа ни е потребна донација од добри и хумани луге, вели тажна, но полна со надеж, мајката Емилија и додава:

„Јас одам секој ден да го видам,  ми дозволуваат да го гледам по 5-10 минути. Тажна сум што не можам да го гушнам, да го бакнам. Се беше во ред со бременоста. Претходниот ден бев на лекарска контрола, и се беше во ред. Вечерта пред да почне полицискиот час бев во парк малку да прошетам  и почувствував проблем. Веднаш отидов во болница во Битола и од таму во Скопје и во 27 недела ме породија. Никој не очекуваше дека ќе преживее, иако јас никогаш не се откажав од него и длабоко во себе се молев да издржи. И Василиј се уште се бори, и тој не се предава, што како мајка ми дава уште поголема надеж. Неговата борбеност и желба за живот уште повеќе не тераат да не се откажуваме. А и мајка сум, ќе се борам до последно“, рече Емилија.

На социјалните мрежи веќе се покрена акција за донирање. Добри и хумани луѓе ја сватија болката на една очајна мајка. Еве го повикот на млади мајки, кои сакаат да и помогнат на Емилија и трансакциската сметка за помош на Василиј.

-Малото бебе по име Василиј заслужува да замине во својот топол дом каде го чекаат неговите родители мајката Емилија и таткото Христијан, како и најблиските членови од фамилијата. Василиј е мало бебенце, родено на 14ти мај во екот на пандемијата, 27та недела од бременоста на Емилија, со само еден килограм тежина и веднаш е ставено на апарати за дишење. Поради прематуритет (односно предвременото раѓање) се создаваат компликации како крварење во малото мозоче на Василиј и појава на цисти. За да не биде доволно сето тоа дуктусот на малото срценце на Василиј создава проблеми поради недоволно затворање и затоа е потребно да се направи операција за да се продолжи со престојот на интензивна нега, а потоа се надеваме секако на позитивниот исход конечно жив и здрав да се врати во прегратките на својата мајка.  Емилија не успеа докрај да се порадува на својата бременост и наместо да слави за раѓањето на својата долгоочекувана радост, синот Василиј, веќе 53 дена го гледа како се бори. Трошоците за операцијата се огромни и семејството веќе се соочува со тешкотии.  Семејството на Василиј досега само се бореше, наоѓаше начини преку кредити, задолжувања, но веќе не можат сами да ја издржат оваа борба. Исцрпени се и очајни. Таа млада мајка која едвај чекаше да го слушне плачот на своето бебе, сега наместо солзи радосници секој ден, секој час, секоја минута се моли и плаче од мака и тага да си го земе синчето живо и здраво. Знаете како боли, знаете како се кине срцето на милион парчиња на една мајка за своето чедо. Да го родиш, а да не е до тебе.. Да си блиску, да го чувствуваш во својата утроба, а во друг момент толку далеку…Знаат некои кои го имаат почувствувано на своја кожа, знае секоја мајка, знае секој оној кој води некоја битка во животот. Таа мајка зар мислите сакала вака да биде? Зар мислите се нема запрашано “зошто мене ова ми се случува”? Таа мајка е уште една во редот која чека да си замине од клиниката со Василиј во раце и конечно да го почувствува неговиот бебешки мирис. Да ја види неговата насмевка, да ги фати неговите мали рачиња, да го гушне и стопли неговото мало тело до своето. Оној кој не ја доживува туѓата мака незнае како е. На оваа приказна не погоди зошто и ние сме мајки и знаеме дека исто би направиле за своите најсакани и секој кој има срце и душа, кој знае како е да се бориш за она најмило ќе помогне.

Да помогнеме сите во оваа борба. Да не дозволиме Емилија Јовановска да се чувствува препуштена сама на себе.  Да се сплотиме да подадеме раце и сите заедно да помогнеме. Да помогнеме од нашите срца за срценцето на малиот Василиј да чука силно, а тие ќе ни возвратат со победа во оваа тешка борба, бројни насмевки, заеднички моменти како семејство. Да се откажеме од денешното излегување на “кафе шема” и наместо испиеното кафе од 100ден да ги дадеме за срценцето на Василиј.