Ако ги вратиме животите на овие 14 луѓе, не само што ќе си дадеме оставки сите, туку и ќе заминеме од политиката, но тоа не е можно – изјави денеска премиерот, Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања за пожарот во модуларната болница во Тетово.

„Да не заборавиме дека сите сме креатори на состојбата во државата. Модуларните болници ги ставивме за да луѓето не бидат примани на паркингот пред клиниките. Се работи за модуларни контејнери кои се фабрички израбтени на друго место. Целта беше исполнета и треба да продолжат да функционираат. Ние не градевме болници, имаме претходно изработени модуларни контејнери и секаде во светот се така поставени“, истакна Заев, одговарајќи на новинарско прашање нели смета дека треба да има одговорност штом 14 лица живи изгореа, оставки веќе се поднесени, но тој повторува дека ќе ја чека истрагата.

Тој му возврати на новинарот дека го разбира неговиот „гнев во поставувањето на прашањето“, бидејќи како што рече болката е голема.

-Мора да водите грижа за причините за тоа што се случило, мора да знаете што потоа. Ќе учите некој да навлезе, да менаџира со короната? – посочи Заев.

„Јас можеби и нема да ги прифатам оставките, може и ќе ги прифатам. Мене ми требаат податоците, за да му ја мислам што понатаму со пандемијата, кој ќе учиме, дали треба дополнително време да ризикуваме и колку тоа во животи ќе не’ чини“, додаде Заев, според кој на оваа тема не треба да се расправа бидејќи се работи за чувствителна тема.

Кога делувате и донесувате одлука мора да му ја мислите, иако е од етички аспект, што имало со тие луѓе во минатото и согласно тоа ќе го дадам мојот став. Зошто не сфатите дека некој ако има свој став, некој друг има друг став – посочи премиерот.

Тој нагласи дека модуларните болници не се стандардни болници кои се градат со одобрение за градба, туку се работи за контејнери кои се прават во фабрики и потоа се монтираат.

„Модуларните контејнери се замислени луѓето болни од ковид коишто не можат да бидат сместени во болничките услови, да бидат овде сместени. Државата не градеше статики, не бараше локациски услови, овде имаме модуларни времени контејнери“, изјави тој.

Прашан каде слушнал да изгорат живи луѓе во модуларни болници, штом ги има во светот, тој рече има жртви насекаде.

„Не се откажуваме од нив, ни требаат, местата во болниците се толку колку што се. Тоа се решенијата и не се откажуваме од нив бидејќи пандемијата трае“, додаде Заев.