Болсонаро ќе биде првиот шеф на држава кој денеска ќе зборува на генералната дебата на годишното заседавање на Генералното собрание на ОН.

Невакцинираните шефови на државите кои оваа недела ќе присуствуваат на Генералното собрание на ОН, најверојатно ќе мора да се задоволат со парче пица наместо богати вечери во њујоршките ресторани. Токму така првата ноќ во Њујорк вечерал бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, бидејќи таму, според важечките мерки поради пандемијата, на никого не му е дозволен влез во градските ресторани без доказ за вакцинација против ковид-19.

Двајца министри од неговиот кабинет, кои се дел од бразилската делегација, во неделата навечер објавиле фотографија од Болсонаро кој со своите помошници јаде парче пица на њујоршко шеталиште.

Приврзаниците на Болсонаро го пофалиле овој потег како “едноставност” на нивниот лидер, кој одлучил да вечера на улица во близина на хотелот во Менхетн во кој престојува.

Бразилскиот популистички лидер, кој се фалел дека не е вакциниран пред заминувањето во Њујорк, порачал дека неговиот имунолошки систем е доволно силен да се одбрани од коронавирусот.

На прашањето на британскиот премиер Борис Џонсон на состанокот во понеделникот дали е вакциниран, Болсонаро одговорил: “Не. Се уште не”.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, апелирал до светските лидери да се вакцинираат пред да земат учество во дебата на Генералното собрание на ОН.

Канцеларијата на градоначалникот претходно соопштила дека сите учесници во дебатата мора да поседуваат доказ за вакцинација за да влезат во салата за дебати, која е класифицирана како конгресен центар.

Бразилската мисија при ОН одбила да ги коментира извештаите дека еден нивен дипломат бил позитивен на тестирањата во Њујорк.

Портпаролот на ОН, Стефа Дижарик изјавил дека е во постојан контакт со бразилската мисија по повод тие наводи.

Болсонаро ќе биде првиот шеф на држава кој денеска ќе зборува на генералната дебата на годишното заседавање на Генералното собрание на ОН.