Ноември е месец на „Стисни Плеј“. Првата епизода се емитуваше на 11 ноември 2011 година и оттогаш емисијата е присутна на екраните на првиот канал на македонската телевизија, девет години без прекин. Александра Јовановска, автор и водител на емисијата ја најавува и десетта сезона.

-Иако се наоѓаме во специфични услови за живеење и работа предизвикани од светската пандемија, а музиката е повторно ставена на тест и се наоѓа пред искушение, ние имаме огромна желба за работа, За среќа и музичарите не се откажуваат. Музика има и тоа доволно квалитетна. Таа доаѓа од една нова генерација музичари, кои нудат неверојатна свежина и креативност. Како автор на емисијата, ми се особено интересни и сакам сите да ги запознаам и да ги претставам пред јавноста. Да ги мотивирам да продолжат да работат, бидејќи заслужуваат секакво внимание и слава. Во моментов и тие мене ме мотивираат и инспирираат, за да ја продолжам емисијата – открива водителката позната по својојот ентузијазам и професионалност во работата.

-За овие десет сезони направивме стотици емисии. За гледачите тоа се само епизоди, за нас небројани работни часови исполнети со многу предизвици, снимања, настани, концерти, промоции, патувања и многу стрес. Тоа се десет години од мојата професионална кариера како новинар во Македонската Телевизија, период на растење, развивање, градење. Условите за работа никогаш не биле на наша страна. Но некогаш ентузијазмот ни помагаше да ја завршиме успешно работата, а денес искуството – вели таа.

Никогаш не зборувала за својата приватност. Но во оваа пригода откри од кого најмногу учи за музиката. Нејзиното момче Ангел Здравковски е музички продуцент и ди-џеј на psy trance музика со интернационална кариера. Завршил тонска продукција на ЕСРА.

-Во изминатите години неколкупати го прелета светот од Австралија до Бразил и периодов го заокружи со новиот албум, кој ќе излезе месецов за неговата матична, белгиска издавачка куќа. Проектот под кој настапува се вика Spirit Architect. Од него учам многу за музичката продукција. Ја анализираме домашната музичка сцена и секогаш барам мислење за новите македонски песни кои ги преслушуваме – посочува Јовановска.

Во нивниот однос, најважна е суштината, односно како тие се чувствуваат, отколку формата, или парче хартија.

– Заедно пораснавме, се градевме и приватно и професионално. Седумнаесет години се навистина значајна бројка, но ни тој, ниту јас сме оптоварени со времето. Не го сметаме за товар, ни за голем успех. Живееме заедно, не сме од тие парови чии свадби и веселби пропаднаа поради пандемијата, бидејќи тоа не ни беше во план. Ниту планираме герила акции во вакво време. Секоја љубов е приказна за себе. За нашата можам да кажам дека е совршено надополнување, во кое секој има доволно слобода да биде свој и да не се претопи во другиот. Ние секој ден посветуваме многу грижа и внимание еден на друг. Нашата поединечна среќа, а со тоа и заедничката, е главен приоритет – посочува водителката и дополнува дека од него учи да живее здраво, а тој од неа да живее убаво.

– Секој ден сме во природа, бидејќи живееме во Сопиште и тоа ни дава голем избор за прошетки во околината. За викендите знаеме да отидеме и подалеку. Многу ја сакаме природата, се воодушевуваме на сите убавини што таа ги нуди, а особено убави спомени имаме од летните одмори и патувања на море. Сигурна сум дека и други луѓе безрезервно ги сакаат морето и летото. Единствено таа глетка ми остави празнина овој период. Но, ја надополнивме со Охрид, кој по не знам кој пат одново го запознавме и доживеавме сосема поразлично- вели водителката.

Соња Алексоска Неделковска 

zenskimagazin.com