Штом ќе пристигне новороденче во заедницата, тоа станува центар на случувањата и сите членови на групата го опсипуваат со многу љубов и внимание.

Многу антрополози ги прогласиле австралиските Абориџини за најпедоцентричното општество некогаш проучувано. Штом ќе пристигне новороденче во заедницата, тоа станува центар на случувањата и сите членови на групата го опсипуваат со многу љубов и внимание. Целиот клан постојано им помага на родителите, па дури и да ги изгуби родителите по некоја несреќна случајност, детето не чувствува толку голема загуба бидејќи постои голема блискост со сите луѓе кои го опкружуваат.

Самото зачнување на детето, според традиционалното верување, се одвива во “периодот на соништата”. Всушност, со сексуален однос се зачнува само физичката материја на детето, додека неговата душа се зачнува во соништата.

Абориџините веруваат дека нероденото дете го јавува своето присуство уште пред зачнувањето – било во облик на визија, соништа, необична случка или на пример, преку болести предизвикани од исхраната.

Новиот живот кој избрал да влезе во женското тело е всушност целосно независно битие кое потекнува од далечното минато и живее во длабочините на водите. Според верувањето, детето-дух е со големина на човечки прст, има споени ножни прсти, а телото му е покриено со влакна. Многу е паметно, но може да биде и опасно, но не и за идните родители.

Воспитувањето на детето и неговата припрема за живот во заедницата започнува уште пред раѓањето – трудниците имаат обичај да разговараат со плодот во матката, пренесувајќи му традиционални знаења, обичаи, семејна историја, митови, а продолжуваат со таквата пракса и откако детето ќе се роди.

По породувањето, мајката ја зема постелката и ја закопува во земја. Тоа парче земја е единственото кое лично ќе го поседува детето кога ќе порасне, и тоа станува таканаречено “Мајка земја”.

Името на детето вообичаено му го даваат бабите и дедовците кои му посветуваат голем дел од своето време. Абориџините никогаш не им даваат повод на децата ниту за најмал плач, настојувајќи да им обезбедат сѐ што ќе посакаат.

Доењето трае од 3 до 5 години, но тоа не претставува преголем товар за мајката, со оглед на тоа што во доењето учествуваат бројни женски роднини, која и да се затекне во близина. Дури и повозрасните жени, особено бабите, го дојат детето со бистрата течност која жените ја произведуваат по менопаузата.