Сместувањето во студентските домови во Скопје започна од завчера доцна попладне. Дел од студентите, кои стигнаа во главниот град на 3 септември, во понеделникот, надевајќи се дека листите веќе се објавени дел се вратија назад, дел останаа да спијат во домовите со одобрение на раководството на Државниот студенстки центар (ДСЦ) од каде што посочија дека ниту еден студент во понеделникот ноќта не останал да спие надвор.

– Бидеќи листите со примените студенти во студентските домови во Скопје беа објавени завчера попладнето, студентите што пристигнаа во понеделникот за да им излеземе во пресрет иако се уште не беа сместени на сите им дадовме можност да преноќат во објектите. Во вторникот кога беа објавени и резултатите започна сместувањето од 17 часот попладне и траеше до полноќ. И во вторникот на студентите што не успеаја да ги пополнат документите исто така им беше обезбедено преноќевање во студентските центри, вели директорот на ДСЦ, Дарио Николовски.

Во моментов без проблеми се одвива сместувањето во сите студентски домови. Мала вообичаена гужва има, но од раководството на ДСЦ велат дека се ангажирани сите вработени кои, како што велат, ќе останат и до подоцна на работа за студентите да се вселат што побрзо.
И студентите што чекаа да се сместат во студенстскиот дом “Кузман Јосифовски Питу” велат дека немале никаков проблем.

-Мислев дека во понеделникот се објавени листите, но не беа па се вратив назад. Немаше никој што спие на отворено. Дојдов пак вчера и од 17 часот започна сместувањето. Денеска има мала гужва, но сместувањето оди без проблем, вели студент од Кавадарци.

Деновиве во студенстските домови се сместуваа студентите од повисоките години. Според резултатите на применети студент, објавени на интернет-страницата на Министерството за образование и наука, вкупно во студенстките центри се примени 2.681 студенти.

Од нив 488 студенти добиле легло во студентскиот центар “Гоце Делчев”, уште 370 студенти што аплицирале за сместување во овој дом се примени, но се распореди во другите домови. Во студенсткиот дом во Центар, “Кузман Јосифовски Питу” ќе се сместат 392 студенти. Во студентскиот центар во Автокоманда “Стив Наумов” годинава ќе престојуваат во машките згради (1 и 2) 337 студенти, во женската зграда ќе се вселат 276 студентки. Во бараките, пак ќе престојуваат 111 студенти. Иако конкурирале за “Стив Наумов” примени се во други домови 35 студенти.

Во зградата на “Пелагонија”, пак во Кисела Вода се примени 653 студенти, додека 19 ќе престојуваат во средношколскиот центар “Сениќ”.
Годинава за сместување во студентските домови одбиени се 151 кандидат. Околу 20 отсто од студенстските легла се чуваат за сместување на бруцошите кои ќе се вселат од октомври.