Стотина денови веќе трае затворањето на економијата во најголем број од земјите во светот. Кај нас пред отприлика две недели се отворија моловите, а во некои земји, како на пример Америка, односно во најголемиот број сојузни држави, тие се сеуште затворени.

Веќе почнаа да се објавуваат и првите банкроти од модната индустрија. Таков беше примерот со ланецот продавници „Џеј Си Пени“. Во Њујорк, беше демолиран и ограбен „Мејсис“, симболот на таканаречената Њујоршка „Фешн“ авенија. Бизнисите ширум светот доживуваат тешки моменти.

Сопственикот на „Зара“ објави дека ќе затвори околу 1.200 продавници низ цел свет, со цел да се зголеми продажбата на своите производи преку интернет среде хаосот што го предизвика пандемијата на коронавирусот.

Шпанската групација „Индитекс“ исто така ги поседува брендовите „Бершка“, „Пул Енд Бер“ и „Масимо Дути“.

Затворањето најмногу ќе ги погоди Европа и Азија. „Индитекс“, еден од најголемите светски продавачи на облека, беше тешко погоден од пандемијата, бележејќи пад на продажбата од 44 отсто во периодот од први февруари до 30 април.

Компанијата пријави загуба од 409 милиони евра во првиот квартал од годината откако голем дел од дуќаните останале затворени до осми јуни.

Од друга страна, онлајн купувањето доживува своевидна експанзија. Амазон е еден од светските лидери во оваа сфера. Нивните акции со почетокот на оваа криза, вртоглаво пораснаа.

Се разбира, ова е иднината на шопингот. Многумина, особено кај нас беа скептични во однос на онлајн пазарењето, пред сè поради неможноста да се проба пред нешто да се купи, но затоа „Амазон“ мисли и на тоа.

Нивна најнова понуда во Америка е да можете да нарачате бесплатно десет производи, да ги пробате седум дена и потоа да се одлучите што од тоа ќе задржите и купите, а што ќе вратите. Можете и сè да вратите!