Канарските острови се безбедни и можат да се посетуваат, а тамошната ерупција на вулканот е „прекрасна претстава“, рекла шпанската министерка за туризам Мариа Рејес Марото неколку часи откако поради ерупцијата на вулканот се евакуирани пет илјади луѓе

Вулканот на Ла Палма, остров на северозападот од архипелагот, еруптираше во недела, исфрлајќи лава неколку стотици метри во воздух и праќајќи ја кон Атлантскиот океан.

Тоа е прва ерупција на вулкан во 50 години во тој архипелаг сместен западно од Африка.

„Островот е отворен“, рекла Марото за радиото „Canal Sur“ и ерупцијата ја нарекла „прекрасна претстава“.

„Нема рестрикции за патување на островот. Напротив, споделуваме информации со туристите за да знаат дека можат да уживаат во нешто невообичаено, и тоа да го видат со свои очи“.

Нејзините изјави веднаш наидоа на критики од Теодор Гарсија Егеа, секретар на опозициската Народна партија, кој на Твитер објави цитат од министерката и праша:

„Може ли некој да и каже на министерката дека истовремено стотиви луѓе губат се што имаат?“.

Околу 360 туристи се евакуирани во понеделник од ресорт во Ла Палма и се преместени на островот Тенерифе, изјави портпаролот на бродската компанија Фред Олсен.

Уше 180 туристи можеби ќе бидат евакуирани во текот на овој ден, додаде тој.

Регионалниот челник Виктор Торес вели дека лавата од вулканот ќе стигне до морето во 20 часот по локално време, додавајќи дека вулканот ќе биде активен уште неколку дена. Досега се евакуирани илјадници луѓе, а лавата буквално проголтала неколку куќи.