Вработен во водечки германски производител на светилки и уреди за осветлување, фабриката „Осрам“, е обвинет за шверц и кражба на златни струготини во вкупна тежина од 67 килограми од фабриката во која работел неколку години.

Украдениот имот вредел околу 2,3 милиони евра во времето на злосторството, изјави портпаролот на Јавното обвинителство во Регенсбург.

Досегашната истрага покажала дека кражбата на струготини од злато се случила помеѓу 2012 и 2016. Во 2018 година, Осрам поднел пријава за кражба.

Портпаролот на компанијата одбил да ги коментира вестите, повикувајќи се на тековната истрага.

Денес, 41-годишниот осомничен првично соработувал со истражителите за време на истрагата и го признал делото, се вели во соопштението на обвинителството.

Но, по обвинението, тој се премислил и исчезнал. Затоа, по него била распишана меѓународна потерница. На крајот бил уапсен во родната Русија, која што го екстрадирала во Германија.

Портпаролот на обвинителството не кажал точно како осомничениот ги прошверцувал златни струготини од своето работно место во Регенсбург, Баварија, но се верува дека тој ги вадел постепено, во 360 наврати.

Портпаролот на Osram објасни дека златните струготини се создаваат за време на производството на LED чипови. Тие главно се користат во автомобилската индустрија, на пример за внатрешно осветлување кај возилата. Тој додава дека пилевината обично се рециклира.