Кој од кого го препишал законот и во чија програма тој изворно постоел, но и кој се формално ќе важи како негов предлагач, беше предмет на дебата меѓу пратениците од различните политички партии во текот на вчерашниот ден.

Како и да е, речиси сите му дадоа поддршка на законското решение со кое ќе се смени Законот за облигациони односи, почнувајќи од први октомври годинава, и со кое, каматата на неплатениот долг треба да престане да расте кога ќе го достигне износот на главнината на самиот долг.

Предлагачи на законот се петмина пратеници од владејачката коалиција, па СДСМ тоа го претстави како свој успех, откако вчера беа изгласани законските измени, а Левица реагираше дека тоа е прекопирано од нивната програма, но и дека и тие се придружиле како формални предлагачи на материјалот. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјавија дека даваат целосна поддршка на законското решение, иако има одредени недостатоци.
Односно, на вчерашната пленарна собраниска седница, дури 80 пратеници решија да гласаат „за“ овој закон, што е силна поддршка, каква што одамна не се случила за одредено законско решение.

„Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“, се вели во предлог законските измени, што е всушност клучната одредба од законот.

Фактор разговараше со дел од експертите, но и со граѓанскиот сектор, за тоа каков е нивниот став за ова законско решение.

Ана Глигорова, долгогодишен жесток граѓански активист и прв човек на неформалното граѓанско здружение Стоп за грабежот, вели дека е добро што се донел ваков закон, со кој колку толку одредени граѓани ќе бидат „спасени“ од големиот должнички товар.

„Сепак, мора да се нагласи дека главна фалинка на законот е што тој нема да важи ретроактивно, односно и за старите побарувања“, вели за Фактор Ана Глигорова.

Таа додава дека овој закон е всушност правно недоречен, бидејќи своевремено не било прифатено барањето на граѓанската фела, но и на професори од Правниот факултет, за дефинирање на застарбата на побарувањата за 10 години, како и за вклучување на извршителите.

Вели дека поради фактот што не било прифатено тоа решение, извршителите можат да ги чуваат старите сметки и да ги пуштат кога тие ќе одлучат, или компаниите за кои работат.

„Штом тоа не е корегирано, уште ќе имаме сметки од пред 30 години за кои должникот не ни знае дека постоеле“, вели Глигорова.

Всушност, според неа, ова законско решение иако е добро, не е целосно, односнио има правна неконсеквентност, така што, како што потенцира, правдата кон граѓаните, нема да се исполни целосно.

Таа додва дека застарен долг не постои, не се наплаќа.

„Да бараш камата на застарен долг, е исто како да бараш од починат човек да плати сметка. Морам да бидам брутална за да објаснам дека застарувањето не го решија. Но, ете седнале предизборно да размислуваат за висината на каматата на долг од пред 10 години да не ја надмине основата“, вели Глигорова.
Според неа, има уште еден проблем, а тоа е фактот што „еден вака набрзина скроен закон“, се носи во време на предизборие, што значи дека мириса на политички маркетинг, и затоа таа смета дека со него треба да се позанимава Државната комисија за спрчување на корупцијата.
Познавачите за Фактор укажуваат на уште една „замка“ која може да биде главен проблем при спроведувањето на законот. Тоа е фактот што, како што велат, на комуналните сметки не тече договорна камата, која е всушност наведена во законот, туку тече казнена камата. Од тие причини е прашање дали овој закон ќе може да важи и за комуналните сметки, а што всушност, беше главната суштина на законските измени.

Односно, првичната верзија на овој закон која била стсавена на ЕНЕР гласела за казненаната камата, но нејасно е зошто сега во законот е наведена договорната камата.

И овие познавачи укажуваат дека група професори од Правниот факултет работеле на граѓански законик, но и по многу дебати, па дури и подготвен готов законски текст, тоа законско решение не се донело. Таму исто стоело дека казнената камата ќе треба да престане да тече ако го достигне износот на главнината. Ваква одредба постоела и до пред осамостојувањето на државава.

Од СДСМ тврдат дека законот ќе значи, како што велат, ако одреден граѓанин или фирма имале долг од пред десеттина години, на сума од 1.000 денари, каматите што му се трупале со години и кои на крајот ќе треба да ги плати, нема да бидат повисоки од 1.000 денари.

„Со овие измени, ставаме на крај на ситуациите кога за долг од на пример 500 денари должникот мораше да плаќа 5.000, 8.000 па и 10.000 денари по основ на камати.Законското решение ќе важи за сите, и за граѓаните, и за компаниите, и ќе се однесува на долгови од секаков карактер, на пример за застарени сметки за струја, вода, телекомуникациски услуги, обврски кон банки и слично“, изјавија од партијата на вчерашната пресконференција.

Нина Нинеска-Фиданоска