Левиот бек на македонската репрезентација, Езѓан Џани Алиоски, важи за еден од милениците на публиката. За неговите шеги на тренинзите и во соблекувалната раскажуваат и фудбалерите и фановите, а и тој често објавува забавни видеа на социјалните мрежи.

На Евро 2020 даде гол против Украина по Горан Пандев, кој го постигна првиот гол за Македонија на европските првенства.

„Јас сум најмладиот стрелец за Македонија на едно Европско, ако имам 29 години“, вели на шега Алиоски и додава: „Мило ми е што Горан даде гол, знам колку го посакуваше тоа во својата кариера“.

Алиоски не крие дека се гордее со себе и на успехот што го постигна. Ама не крие ни дека е разочаран што фановите не ги пречекаа фудбалерите на аеродромот во Скопје.
„Заслуживме макар и мал пречек. Не ми се веруваше колку фанови дојдоа во Романија да нè бодрат. Нема поубаво чувство од она кога знаеш дека на трибините се твоите навивачи. Сега знам дека доаѓаат за нас, а не за големите репрезентации како Шпанија или Германија, како што беше порано. Затоа и ми беше криво што не нè пречекаа дома. Знам дека е пандемија и можеби не победивме, ама испишавме историја“, раскажува тој во разговорот за „Репортер“.

Родителите секогаш се на трибините кога Алиоски игра за репрезентацијата или има важен натпревар со клубот. Тие дојдоа со него и во Саудиска Арабија кога пред два месеца потпиша договор со новиот клуб „Ал Ахли“.

Роден е во селото Црнилиште и оттаму со родителите заминал во Швајцарија. Вели, и покрај животот во Швајцарија, едвај ги чекал распустите оти тогаш родителите го носеле во Македонија, во прилепскиот крај, каде што по цели денови играл топка со децата.

„Имав една и пол година кога со моите се преселивме во Швајцарија. Почнав да играм во локалниот клуб на 3-4 години, а кога се префрлив во поголем клуб во Берн, татко ми секој ден ме носеше на тренинг и чекаше да завршам. Моите родители секогаш веруваа во мене“, открива Џани.