Вработените во училиштето веднаш повикале полиција, а Ритко не можел да излезе низ вратата бидејќи таа автоматски се заклучувала по завршувањето на големиот одмор. Но, тој заедно со своите другари скокнал преку прозорецот и ја прескокнал оградата висока два метра во училишниот двор.
Битолскиот јутјубер Ритко утрово предизвикал инцидент во штипското средно училиште „Коле Нехтенин“, каде што скришно влегол во објектот, ги снимал учениците со мобилен телефон и со вулгарни зборови ги нападнал ученичките, објави порталот ММС.

Инцидентот веднаш бил пријавен во полиција, но Ритко заедно со своите пријатели успеал да скокне од прозорецот од училницата и да побегне. Сепак, полицијата го фатила на друга локација во Штип, каде што јутјуберот малтретирал друг човек и му го прегледувал гепекот од автомобилот.

Како што објави порталот ММС, Ритко го искористил големиот одмор за да влезе во училиштето, бидејќи само тогаш вратите биле отворени. Кога влегол во една од училниците, тој им се обратил на децата со зборовите „јас сум градоначалник на школото“, а потоа со вулгарни зборови се обратил кон ученичките.

Вработените во училиштето веднаш повикале полиција, а Ритко не можел да излезе низ вратата бидејќи таа автоматски се заклучувала по завршувањето на големиот одмор. Но, тој заедно со своите другари скокнал преку прозорецот и ја прескокнал оградата висока два метра во училишниот двор.

Настанот го потврдил и директорот на училиштето, Дејан Павлов, кој во изјава за ММС рекол дека полицијата веќе го расчистува случајот.

– Го искористиле моментот на голем одмор, влегле меѓу учениците. Веднаш е реагирано, повикавме полиција. Влегол во училницата, која прва му дошла, лажно се претставувал како наставник, навредувал и потоа побегнаа преку прозорецот од кабинетот за угостителство. Се случи три минути пред да заврши големиот одмор. Навредувал и ученички, кои потоа дадоа изјава пред полицијата. Во школите се работи по протоколи и затоа брзо реагиравме. Дежурните наставници реагираа и многу брзо дојде полиција. Но, за минута се направи инцидент – вели Павлов.

Очигледно дека ова не било доволно за Ритко, па откако побегнал од училиштето, тој малтретирал возрасен човек на пат, каде и го уапсила полицијата заедно со неговите пријатели.

„Денеска (14.09.2021) од страна на полициски службеници во Полициската станица Штип приведени се Р.М.(21), Д.Д.(20), О.Ш.(21) и еден малолетник, сите од Битола, бидејќи во 09.20 часот во просториите на средно општинско училиште во Штип неовластено влегле и се задржале, а во кое не се ученици, постапувајќи спротивно на чл.26 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Запознат е Јавен обвинител и од страна на СВР Штип се прибираат докази и преземаат мерки за целосно расчистување и комплетирање на кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство казниво по чл.298 од КЗ“, соопшти СВР Штип.